На 15 септември 2011 година во Охрид се одржа презентација за општествената одговорност на претпријатијата. Присутните ги поздрави Душко Јаковчески, претседателот на Советот на општина Охрид кој изрази задоволство од интересот на претприемачите за концептот на општествена одговорност.
Александар Николов, претседател на Координативното тело за ООП се осврна на почетната состојба и предизвиците во оваа област. Тој напомена дека ООП често се изедначува со донации, спонзорства и доброволни прилози и дека се слаби пазарните стимуланси. Тој се осврна и на Координативно тело за ООП како уникатна структура за дијалог меѓу засегнатите страни и определување на активностите за промовирање и примена на ООП. Целите кои стојат пред ова тело се јакнење на свесноста за ООП, развивање на капацитети и компетенции за ООП и создавање поволен амбиент за ООП.
За самиот проект зборуваше Глигор Михаиловски од МРФП. Во анализата на состојбата во оваа област тој се осврна на немањето свест за концептот на ООП, недостатокот на соодветни капацитети на клучните актери и недостатокот на поддржувачка околина за општествена одговорност на претпријатијата.
На присутните им се обрати и Вецко Симјаноски, директор на филијала на Охридска банка. „Соцете женерал (Société Générale) е убедена дека има значајна улога во општеството и дека природата на нашата работа не става цврсто во срцето на економскиот и социјален напредок", рече тој. „Како резултат на тоа, групацијата перманентно е вклучена во општествени иницијативи." Основните принципи на кои се темели корпоративната општествена одговорност на Охридска банка се довербата, дополнителниот ефект на бизнисот, одговорното управување и редукцијата на штетните влијанија во животната средина. Тој зборуваше за проектите на компанијата како што е спортскиот центар Јуниор за кој добија награда за најдобра општествено одговорна практика, за 2008 година, во категоријата – вложување во заедницата. Реновирањето и опремувањето на овој центар овозможија непречено спортување за 1300 млади луѓе. Потоа се осврна и на другите проекти како што се Неделата на солидарноста, активностите со децата од СОС детското село и децата со интелектуална попреченост како и многубројните активности на полето на културата.
Четириесетина претприемачи разговараа за концептот и предизвиците. Многумина ги споделија со присутните своите искуства за кои, како што рекоа, можеби не се евидентирани како општествено одговорни практики, но тие во суштина се тоа. Тие го нагласија прашањето на нелојална конкуренција на пазарот што влијае на нивната мотивација во општествено одговорните практики. „По 15 година општествено одговорно однесување", рече Златко Николовски, „се прашувам дали да продолжам. Произведувам здрави и квалитетни млечни производи но, на пазарот се соочувам со нелојална конкуренција, со производители кои со употреба на хемиски препарати стануваат конкурентни во цената. Освен штетата што јас ја чувствувам, се доведува во прашање и здравјето на потрошувачите", додаде тој и нагласи дека се обидуваат со едукација на потрошувачите да им овозможат да ги препознаат неквалитетните производи на пазарот. Николовски рече дека неговата компанија често е дел од хуманитарни проекти, но дека официјално не известуваат за таквите практики. „Придобивките ги чувствуваат оние кои имаат потреба од помош, нема подобро чувство од она што го предизвикува еден телефонски повик со кој некој до кој стигнала вашата помош сака да ви се заблагодари", додава тој.
Целта на настанот беше да се промовира општествената одговорност на претпријатијата во земјата, постоечката регулатива како и да се објасни нејзината примена во малите и средните претпријатија. Настанот беше организиран со поддршка на Агенцијата за поддршка на претпријатијата – ЕСА Охрид
Презентацијата е дел од проектот „Поддршка за реализација на Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија", чиј носител е Министерството за економија на Република Македонија во партнерство со Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Сојузот на стопански комори на Македонија и Здружението Конект.






