На 15 јуни 2011 година во Клубот на новинари, се одржа првата работилница за промовирање на концептот за општествено одговорни претпријатија. Таа и следните 11 работилници им се наменети на малите и средни претпријатија кои треба да го запознаат овој концепт, да развијат стратегија и да подготват проекти за ООП.

„Заедно да си помогнеме“

На обуката присуствуваат претставници на 15-тина претпријатија, меѓу нив и оние кои веќе биле наградени за своите добри општествено одговорни практики.

Тие имаа можност да слушнат повеќе за дефиницијата и концептот, како и за принципите и клучните подрачја на општествената одговорност на претпријатијата. Посебен интерес предизвикаа искуствата и иницијативите кои веќе ги имале фирмите.

„Концептот ми е релативно нов, со него прв пат се запознав на предавање на еден форум минатата година", рече Наташа Ристевска една од учесничките на обуката. „Научив многу. На пример Инекс Горица и уште една градежна фирма секоја година садат 1000 дрвца но, тоа не е никаде презентирано. Еден од принципите на општествена одговорност е транспарентноста што ние не сме ја примениле. Потоа, во фирмата која ја водам, Агронова, произведуваме хартиени кесички за пакување. Не ги лепиме со било какво лепило туку со лепило од органско потекло, што значи, тие се здрави за употреба. Тоа може е еден сегмент кој се однесува на околината, а кој можеби не сме го потенцирала доволно кога ги нудиме нашите производи". Според Наташа Ристевска овој концепт постоел и во претходниот систем, уште повеќе, таа го пронаоѓа и многу наназад, инкорпориран во римското право. „Обуката ме тера да размислувам како понатаму, добив нови идеи кои сигурно ќе се обидам да ги реализирам, а наученото ќе го споделам со другите. Треба да се свртиме кон себеси и заедно да си помогнеме, никој нема да ни помогне ако тоа не го направиме самите", вели таа.

Размислувањата за следните работилница, кои ќе се одвиваат во другите градови во Македонија, се да се вклучат и граѓанските организации кои би можела во иднина заедно да работат со претприемачите на овој концепт.

„Задоволна сум од тоа како учесниците на обуката го прифаќаат концептот", вели Бети Деловска, една од обучувачките. „Интеракцијата е голема и претприемачите сакаат да ги споделат своите искуства со овој концепт", додава таа.

Работилницата е дел од проектот од ЦИП Програмата на ЕК: „Поддршка на реализацијата на Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија".