На 8 јули 2011 година во Скопје се одржа форумот на тема „Вложување во заедницата“, како еден аспект на општествената одговорност на претпријатијата.

Форумот го поздрави Фатмир Бесими, министер за економија. Тој изрази уверување дека форумот „ќе биде мотив повеќе во наредниот период да се зголеми бројот на проекти и фирми со одговорни практики, бидејќи тоа ќе ја направи Македонија подобро место за живеење.“
На присутните им се обрати и Робин Лидл од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Гостин на форумот беше Алеш Крањц Кушлан од институтот Еквилиб, Словенија. Тој зборуваше за целовитост во гледањето на овој концепт. Компаниите не можат да промовираат општествена одговорност за еден аспект, а неодговорно да се однесуваат во сите други. Според Крањц Кушлан, инвестирањето во заедницата започнува со вработените и плаќањето на даноците. „Инвестирањето во заедницата не смее да биде активност за ’чистење на совеста’ на претпријатијата“. На присутните тој им презентираше неколку примери на општествена (не) одговорност од Словенија.
Своите добри практики на присутните им ги презентираа Адора инженеринг, Тобако, Дуна компјутери и гимназијата Нова.
Целта на форумот беше да се анализира општествената одговорност на претпријатијата во Република Македонија во однос на вложување во заедницата, оценувајќи ги постоечката законска рамка, домашните и европските практики. Беше промовирана и брошурата за вложување во заедницата.
Тематскиот форум е дел од проектот ““Поддршка за реализација на Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија“, чиј носител е Министерството за економија на Република Македонија во партнерство со Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Сојузот на стопански комори на Македонија и Здружението Конект.






