МРФП во соработка со независниот синдикат на лицата со хендикеп „Еднаквост“ на 9 јули 2012 година го организираше форумот на тема „Односи со вработените“.
Форумот го отвори Спиро Ристовски, министер за труд и социјална политика. „Постои потреба за зголемување на одговорноста за јасно и транспарентно објаснување на мерките и политиките и за причините зошто некои мерки ни се потребни особено во време на криза“, рече министерот во своето обраќање. „Само на овој начин може да се изгради консензус околу тешките одлуки и може да се обезбеди социјалната кохезија“, додаде тој.
На присутните им се обрати и Неговата екселенција, Аиво Орав, амбасадор на ЕУ во Република Македонија. „Одговорноста за одржливиот развојот не е само во рацете на владите“, рече тој. „Компаниите, синдикатите и граѓанскиот сектор можат да застапуваат за уште поголема социјална одговорност“, додаде тој. Според амбасадорот Орав, општествената одговорност може да помогне во постигнувањето на економски и социјален развој и да ја подобри конкурентноста на компаниите. „ООП ни е потребна затоа што ни овозможува да живееме во општество во какво што сакаме да живееме.“
Во воведната сесија на присутните им се обратија и Миле Бошков, од Бизнис конфедерацијата на Македонија. Според него, ООП е традиција во Македонија, но не секогаш се нарекува со тоа име. Бошков напомена дека заедно со компаниите, владата и граѓанскиот сектор работат на измени на регулативата која ќе придонесе кон поголема општествена одговорност во делот на односи со вработените. За другата страна во оваа релација, вработените, зборуваше Марјан Ристески од Конфедерација на независни синдикати. Тој го акцентираше проблемот со заштитните работилници. „Околу 2000 вработени со хендикеп се во незавидна состојба благодарение на сопствениците кои сакајќи да ги искористат бенефициите од заштитните работилници и понатаму ги стигматизираат овие луѓе“, рече Ристески и побара да се вложи повеќе напор за регулирање на ваквите состојби. „Ако претпријатието додели пари за општествена одговорност не треба само тоа да го имаме предвид во оценката на неговата одговорност, посебно ако не се однесува одговорно кон своите вработени“, додаде Марјан Ристески.
Искуствата на Бугарија во спроведувањето на ЕУ политиките за вработување лица од ранливи групи ги пренесе Капка Панајотова. „Бугарија е една од земјите со доминантно специјални претпријатија и субвенции за вработување на лица со хендикеп“, рече таа. Зборувајќи за општествената одговорност, таа акцентираше повеќе чекори што треба да се направат за да се осигури дека во компанијата ќе се создава овозможувачка околина. На пример, студии за законската рамка во поглед на лицата со хендикеп, за вработувањето и поддршката на владата, потоа, назначување лице одговорно за инклузија, развивање план, отвореност и флексибилност и објавување на политиката за ООП и планот за вработување лица со хендикеп.
Свои воведни обраќања имаа и Александар Николов од Националното координативно тело за ООП, Звонко Шаврески од Полио плус и Никица Кусеникова од Конект. Добрите практики во овој сегмент беа претставени од Ана Андова од Фени индустри.
Тематскиот форум е дел од проектот „Поддршка за реализација на Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија“ (ООП во РМ), чиј носител е Министерството за економија на РМ во партнерство со Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Сојузот на стопански комори на Македонија и Здружението Конект.






