На 6 јуни 2012 година пред бизнис секторот во Скопје беше презентиран концептот на општествената одговорност на претпријатијата. На присутните им се обрати Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ).

IMG 2018

Тој, меѓу другото, ги истакна активностите што ССКМ ги спроведува како дел од овој проект: обуки и работилници на малите и средни претпријатија за промовирање на концептот на општествена одговорност; развивање на капацитетите на граѓанските организации за општествената одговорност; обуки на медиумите за општествената одговорност на претпријатијата и градење на капацитетот на Националното координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата.

Глигор Михаиловски зборуваше од името на Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП). „На прв поглед општествената одговорност е трошок за компаниите“, рече Михаиловски, „и им го одзема вниманието на бизнисите од нивната главна цел: создавање профит“. Тој се осврна и на придобивките за општествено одговорните претпријатија како што се поблиските релации со клиентите, добавувачите, државните институции, граѓанските организации и медиумите. „Зголемената свесност на потрошувачите дава предност, а поблиските релации водат и до повеќе иновативни продукти, општествено одговорните претпријатија се попосакувани за вработување во нив, а имаат предност и во соработката со меѓународните компании кои ја оценуваат оваа пракса“, додаде Михаиловски.

IMG 2015

На присутните им се обрати и Александар Николов, претседател на Националното координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата во РМ. Тој, меѓу другото, зборуваше за потребата од даночни поттикнувања за донаторите како што е ослободувањето од плаќање на ДДВ, признавање на донациите како расход во данокот на добивка, ослободување од персоналниот данок на доход за надоместокот на трошоци за волонтерска работа и поттикнување за вработување и адекватни услови за инвалидните лица.

За своите општествено одговорни практики зборуваа претставници на Фармахем, Некстсенс, Тинекс и Универзитотот Амрикан колеџ, Скопје.

Целта на настанот беше да се промовира општествената одговорност на претпријатијата во земјата, постоечката регулатива како и да се објасни нејзината примена во малите и средните претпријатија. Презентацијата е дел од проектот „Поддршка за реализација на Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија“, чиј носител е Министерството за економија на Република Македонија во партнерство со Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Сојузот на стопански комори на Македонија и Здружението Конект.

.